Ќе се изработува физибилити студија за ски-центарот „Царев Врв“ на Осоговските Планини

OSOGOVSKI PLANINI
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Иницијативата за изградба и развој на идниот ски-центар „Царев Врв“ на Осоговските Планини, добива национално значење и со поддршка од државата, во наредниот период ќе се преземат активности за изработка на мастер план.







Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска беше потпишан меморандум за соработка со општините Кочани, Пробиштип, Македонска Каменица, Пробиштип, Крива Паланка и Кратово, како и со центрите за развој на Источниот и Североисточниот плански регион, а во рамки на најавата од пред две години, дека проектот ќе биде дел од владиниот Интервентен план за инвестиции за периодот до 2027 година.

– Активностите се врз основа на претходно изработената физибилити студија во 2015 година од страна на Општина Македонска Каменица и Центарот за развој на Источниот плански регион за ски-центарот „Царев Врв“, како и врз основа на иницијативата овој проект да добие државно значење. Министерот Љупчо Николовски го внесе Центарот за развој на Источниот регион како корисник во програмата за рурален развој, од која ќе биде поддржана изработката на физибилити студијата, со решенија за сообраќајно поврзување и за друга придружна инфраструктура. Како дополнителна документација за проектот ќе се направи ортофото снимање на целиот Осоговски масив, по што ќе се продолжи со изработката на урбанистички план за развој на ски-центарот, истакна Зуица Ангелова, раководителка на Центарот за развој на Источниот плански регион.

Со оглед на тоа што идниот ски-центар „Царев Врв“ добива државен интерес, носител на изработката на урбанистичкиот план ќе биде Министерството за транспорт и врски, а ќе треба да го донесе Владата.

По завршувањето на постапката за јавна набавка, физибилити студијата треба да биде готова во период од шест месеци, а резултатите од неа ќе бидат транспарентни и јавно објавени. Притоа, ќе се спроведе и процес на јавни консултации за да бидат информирани сите вклучени страни во изработката на мастер планот за ски-центарот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK