На десната страна на кејот на реката Вардар во Велес кој треба да биде во должина од 200 метри завршени се над 40 проценти од предвидените градежни работи, информираат за МИА од Општина Велес.
Тие потенцираат дека работите се изведуваат со засилен интензитет и секојдневно реализацијата расте. Рокот за изградба е до крајот на годинава.
-Инаку, по пауза од шест месеци повторно почна иградбата на Кејот започна од крајот на јуни од кога се создадоа услови за градба, пред се детерминирани од високиот водостој на реката Вардар – пред овој период, појаснуваат од Општина Велес.
Изградбата на кејот во должина од 200 метри на потегот од мостот „Гемиџии“ до Мало Мовче чини 392 илјади евра од вкупно 438.352 евра, средства предвидени во вкупен износ за Општина Велес, а од кои ќе се реализираат и други активности: обуки, изградба на неколку киосци на кејот, а каде е планирано да се продаваат сувенири од градот и рачни изработки.
Изградбата на кејот започна на 1 ноември 2022 година, а градежните работи запреа некаде во средината на декември минатата година од страна на Министерството за животна средина. Потоа службите на Општина Велес скоро три месеци се трудеа да ја докажат уредната докуменатција за градба на овој значаен проект кој се финансира со средства од ЕУ..
Подоцна Општина Велес објави дека документите биле во ред и залудно биле изгубени шест месеци. Затоа пак конечно биле отстранети пречките за реализација на проектот за изградба на колекторски систем и пречистителна станица за отпадните води од Велес, проект кој исто така финансиран од ЕУ. Изградбата на колекторскиот систем и пречистителна станица се во вредност од 24 милиони евра, грант од ЕУ.
Потоа изградбата на кејот од десната страна на реката Вардар иако требаше да стартува повторно на крајот на февруари и повторно беше стопирана за конечно да продолжи кон крајот на јуни.
Локалната власт пред двесетина години изгради кеј од левата страна на реката Вардар на истиот потег од Мало Мовче до Новиот мост „Гемиџии“, кој е атрактивен за велешаните и бројните туристи.
Од кејот на Вардар во водите на Вардар кај Мало Мовче секое лето стартува Вардарската регата „Гемиџии“, а во близина е и споменикот посветен на Гемиџииите.