Инфо табли со Браево писмо во административната зграда на Општина Битола

opshtina_bitola_345345534534
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Општина Битола во административната зграда постави 25 информативни тактилни табли изработени со Браево писмо, и тоа е првата локална самоуправа во земјава што овозможи пристап во општината на лица со делумно или целосно оштетен вид.







Секое заинтересирано лице кое сака да оствари контакт со општинската администрација, да даде предлог, критика, да разговара и да дојде во општината, треба да има можност тоа да го стори, токму затоа поставивме 25 информативни табли со Браево писмо кои ќе бидат во функција на лицата со делумно или целосно оштетен вид, информираа од Општина Битола.

Соработката меѓу Општина Битола и Здружението на слепи лица од Битола е континуирана и се одвива со меѓусебно разбирање и поддршка. Манифестациите што ги организира Здружението редовно добиваат логистичка и финансиска поддршка, а во просториите на Здружението чести гости се претставниците на локалната самоуправа. Традиционалните акции, одбележувањето на Денот на Белиот стап, меѓународниот Ден на лица со попреченост или Светскиот ден за борба против дијабетесот како една од најголемите причини за болест на очите, членовите на Здружението секогаш ги минуваат заедно со претставниците на Општина Битола.

-Како локална самоуправа настојуваме со подобрување на условите и можностите да ги надминеме пречките со кои се соочуваат нашите сограѓани,а со цел да ги завршат своите обврски. Со поставување на 24 информативни табли пред канцелариите и една табла на влезот во општинската административна зграда, сите изработени и напишани со Браево писмо, уверени сме дека во голема мера ќе биде полесен и побезбеден пристапот во општината за граѓаните кои имаат оштетен вид. Информативните табли со Браево писмо ќе им овозможат со доаѓање во општината без проблем да се упатат до саканото место и навреме да ги завршат потребните работи што се од надлежност на локалната самоуправа. Доаѓајќи во општината, лицата со делумно или целосно оштетен вид ќе може директно да комуницираат со администрацијата и изворно да се информираат од општинските службеници. Наша определба е да продолжиме и во наредниот период да реализираме проекти и активности од сферата на социјалната заштита и социјалната вклученост на сите граѓани, со акцент на ранливите категории, посочи градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Информација со Браево писмо е поставена пред кабинетот на градоначалникот, раководителите на општинските сектори, кабинети и канцеларии во кои сега секое лице со делумно или целосно оштетен вид може да реализира посета и оствари средба во локалната самоуправа.

-Реализацијата на заедничката идеја и желба во целост беше доверена на Здружението на слепи лица затоа што тие најдобро знаат што им е потребно од општината. Тие се вклучија во пишувањето, дизајнирањето и поставувањето на информативните табли со Браево писмо. Изработката на таблите волонтерски и со соодветна експертиза ја извршија д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски, а компанијата ДОО „Гале Текни“ донираше, потврдија од Општина Битола.

Проектот и согласноста на Општина Битола за поставување информативни табли со Браево писмо е од голема важност за членовите на Здружението на слепи лица, вели Дракче Брдаровски, претседател на здружението.

-Големо е задоволството што вратите на општината ширум се отвораат и за нас членовите на Здружението на слепи лица. Овој проект е исклучително важен за лицата со оштетен вид. Забележавте како нашата членка Весна Софрониевска со задоволство прочита дека се наоѓа пред административната зграда на Општина Битола, а може да се информира и за локациите на секторите и одделенијата во локалната самоуправа каде ќе можеме да ги остваруваме нашите права и потреби, но и да ја зголемиме нашата општествена активност, вели Брдаровски.

Општина Битола наскоро информативни тактилни табли со Браево писмо ќе постави и пред градската Саат Кула, Храмот Свети Димитрија, Исак Џамија, Католичка Црква, Музејот, Хераклеја и други објекти и институции во Битола кои предизвикуваат најголем интерес кај посетители од државата и странство со што директно придонесува и за развојот на туризмот со алатки за пристапен туризам, наменети за лицата со попреченост.

Марјан Танушевски

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK