Граѓаните на Велес се жалат до локалната самоуправа заради исклучено улично осветлување на цели или делови од поедини улици во градот. Тие појаснуваат дека навечер е небезбедно за движење и возење по велешките улици.
Улично осветлување нема над Градскиот базен кај поранешно „Жито Вардар“, на високите улици над Којник и други места во градот.
Од Општина Велес за МИА информираат дека нема целосно исклучување на уличното осветлување.
Тие појаснуваат дека во случај да нема улично осветлување на цела улица или на делови од улицата, во тој случај се работело за дефект.
– Пред два дена имаше дефект на уличното осветлување на улица „Борис Трајковски“ и улица „АСНОМ“, но истиот е отстранет, информираат од Општина Велес.
Воедно додаваат дека во моментов се работи на вклучување на исклучените улични светилки на главните градски улици коишто беа исклучени по принципот „преку една“.
Инаку веќе една година Општина Велес се придржува на одлуката на Владата за рационално трошење на струја поради што уличното осветлување во сите реони од градот и на главните сообраќајници е преку една светилка.
За сето ова време имаше и има бројни реакции на граѓаните кои апелираат до Општината дека се небезбедни за движење и возење во вечерните часови.