Во Крива Паланка денеска и утре се одржува Првата меѓународна научна конференција во организација на Локална установа Градски музеј Крива Паланка, насловена „Крива Паланка и кривопаланечко во времето на Отоманската империја (15-19 век)”.
Дводневната научна конференција ќе се одржи денеска во големата сала на Општина Крива Паланка.
– Научната конференција е посветена на историјата, традицијата и културата на градот Крива Паланка и регионот на Кривопаланечко (Славиште) како и соседните региони во времето на владеење на Отоманската Империја од XV до XIX век. Истата има за цел да претстави нови стручни и научни моменти поврзани со административната, воена и цивилна управа на регионот Славиште – Кривопаланечко и соседните региони во овој историски период, формирањето на военото утврдување Егри Дере, народностниот и етнички состав на населението во регионот, јазикот, верските традиции, стопанството и економијата, оружениот отпор и востанија, националната и духовна преродба и слично, информира директорот на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, Драган Величковски.
Конференцијата се реализира со поддршка на Министерството за култура и Општина Крива Паланка.
– За конференцијата се пријавени дваесет стручни и научни труда изготвени од реномирани истражувачи – отоманисти, како и историчари, историчари на уметност и етнолози од РС Македонија но и од нашите соседни држави: Бугарија, Србија, Турција и Косово. , додава Величковски кој е и координатор на конференцијата.
Финалните стручни текстови заедно со прилозите и визуелниот материјал ќе бидат испечатени во стручното списание на ЛУ Градски Музеј Кр. Паланка „Славишки зборник“ бр. 4, што согласно планирањата треба да биде испечатено до крајот на годината.