Градоначалникот Тони Коњановски на прес конференција јавно побара членовите на Советот на Општина Битола да го изгласаат предложениот ребаланс на буџетот на таа општина.
Повод за прес конференцијата на Коњановски се најавите дека новото мнозинство во Советот на Општина Битола утре на редовна седница нема да гласа за новиот ребаланс на буџетот, предложен од градоначалникот.
-Наместо со популизам, потребно е со одговорност и работа, да покажеме дека и градоначалникот и Советот имаат една цел, а тоа е граѓаните да бидат на прво место, во поубава Битола која ќе напредува. Тоа значи решавање на проблемот со бездомните животни, нови и опремени паркови, поддршка за лицата со ретки болести, спортски напредок, подобра инфраструктура, субвенции за сите. Тоа и сакаме да го постигнеме со предложениот ребаланс на буџетот, за кој советниците од опозицијата, деновиве со лажни тврдења, сакаат да ја манипулираат јавноста. Проектите се на граѓаните и тие мора да ја знаат вистината како се вложуваат нивните пари, истакна Коњановски.
Во изјава за медиумите, градоначалникот Коњановски посочи дека советничкиот надомест не се средства за партиски напредок на поединци, туку средства за сработеното од претставниците на граѓаните, за реализација на нови и продолжување на започнатите проекти, за што како што рече континуирано се залага како градоначалник со голема поддршка од општинската администрација.
-Општина Битола, ја продолжува развојната визија, која ја најавивме уште во декември и во согласност со што работиме, повеќе од половина година. Развојот подразбира и измени и дополнувања според потребите кои произлегуваат во процесот на работа, токму поради што и предложениот ребаланс за утрешната седница, соодветствува на развојната компонента. Се уште верувам дека и советниците знаат дека платени од парите на граѓаните, мора да продолжат да работат во интерес на граѓаните и ќе ја променат одлуката, со која ќе потврдат дека интересот им е Битола, а не само напредок на нивната политичка кариера преку популизам на штета на социјалните категории, болните лица, на штета на спортот, туризмот, инфраструктурата. Затоа, на утрешната седница очекувам целосна поддршка на реабалансот на буџетот, истакна Коњановски.
Редовната седница на Советот на Општина Битола е закажана за утре.