Општина Центар денеска го објави Јавниот повик за доделување субвенции за купување нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет, во рамки на проектот „Цел Центар на точак“. Финансиската поддршка изнесува 30 проценти од сумата на купениот велосипед, но во износ најмногу до 3.000 денари .
„Секој полнолетен жител на Општина Центар може да се пријави на овој Јавен повик. Морам да нагласам дека велосипедите и електричните тротинети треба да се купени по 1.6.2024. Потребно е само да ја доставите потребната документација. Проектот „Цел Центар на точак“ со години наназад се покажа како успешен. Центарци имаат навистина огромен интерес, а во исто време проектот придонесува кон здрава и чиста животна средина”, порача градоначалникот Герасимовски.
За доделување на финасиската помош потребно е да се достави пополнето барање за субвенционирање, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и фискална сметка во оригинал за купен нов велосипед, е-велосипед или е-тротинет.
Барањето за субвенција е достапно во Архивата на Општина Центар-Скопје (барака бр.6) и на веб страната на Општина Центар-Скопје www.centar.gov.mk.)
Комплетната документација заедно со барањето се доставува во архивата на Општина Центар- Скопје, барака бр.6, од 09:00 часот до 15:00 часот, почнувајќи од денот на објавување на јавниот повик.
Субвенционирањето трае се до исцрпување на средствата.
Правото на субвенција е еднократно.