Општина Центар остро ги демантира наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид на Клинички Центар и улица „Белградска“ се во надлежност на општината. За тоа постојат законски акти и одлуки. Со одлука на Совет и Договорот, склучен меѓу Град Скопје и Општина Центар, на 5.8.2019 година, градските власти ја преземаат обврската за проектирање, изградба, користење, заштита и одржување на следниве улици на подрачејто на Општина Центар: Белградска, Востаничка, Св. Кирил и Методиј, Димитрие Чуповски, Лазар Личеновски, Македонија, Митрополит Теодосиј Гологанов, кеј Димитар Влахов, Пролет, Васил Ѓоргов и Самоилова.
Во договорот децидно стои: „Општина Центар се обврзува да не презема активности кои би ги попречиле или нарушиле проектирањето, изградбата, користењето, заштитата и одржувањето на наведените сообраќајници во Општината.
„Овој проблем се провлекува со години и постојано одговорот е ист, безбедноста и функционалноста на „Белградска“ не е наша надлежност. ЦУК и пред две години алармираше за состојбата со потпорниот ѕид кај Универзитетската клиника за детски болести и безбедноста на улицата „Белградска“. На нивна иницијатива, Министерството за здравство посочи дека за санацијата е потребна координирана активност на јавните претпријатија на Град Скопје. И тогаш, Општина Центар, на 30.12.2022, децидно одговори дека безбедноста и одржувањето на „Белградска“ согласно Договорот од 05.08.2019, е обврска на Град Скопје. Да беше до нас, проблемот одамна ќе се решеше“, дециден е градоначалникот Герасимовски.
Согласно договорот за меѓуопштинска соработка меѓу Градот и Општината, сите обврски за одржување на функционалноста на улица „Белградска“, што подразбира и градежни активности ако е потребно, е одговорност и обврска на Град Скопје, а Општина Центар не смее да презема активности во тој домен, се додава во соопштението на општината.