Велосипедското здружение „Велес Бајкинг “ вчера попладне организираше еколошка акција „За чисто Езеро Младост“ во која се чистеше околината на езерото „Младост“ и притоа беа собрани 20 вреќи секаков вид отпад, информира за МИА Зоран Јаневски претседател на ова здружение.
Освен нивни членови во акцијата учествувале и нивни симпатизери и претставници од некои фирми и граѓани кои се залагаат за здрава и чиста животна средина и го сакаат езерото „Младост“ и неговата околина. Кампањата за еколошки чисто езеро „Младост“ беше под мотото „Ѓубрето не се враќа, туку е дел од твојот ранец – носи го додека не стигнеш до дома“.
Јаневски, потенцира дека оваа еколошка акција се организираше со цел да се зголеми свеста кај сите посетители на езерото за чување на неговата хигиена.
– Со оваа акција упатуваме апел до сите кои искрено го сакаат езерото „Младост“ при посетата на езерото ѓубрето да не го оставаат и расфрлаат околу езерото туку самосвесно да го понесат со себе и да го фрлат во најблискиот контејнер. Нашата заложба е да имаме чисти еколошки средини за рекреација и прошетка околу нашето велешко езеро, кое е посетено од бројни домашни и старски гости, потенцира Јаневски.
Акцијата за чисто езеро „Младост“ е во рамките на проектот „Велосипедска ЕКО акција за чисто езеро Младост“ и е овозможена со средства од Министерството за животна средина и просторно планирање. Во рамките на акцијата беа делени и флаери.
Вториот дел од кампањата, уште една ваква еколошка акција за чистење на околината на езерото „Младост“ ќе се одржи во средината на август за што дополнително ќе ги информираме граѓаните, најави Јаневски.