Општина Аеродром добива нов сквер меѓу кулите кај поранешната слаткарница „Стела“, во внатрешниот дел покрај булеварот АСНОМ во населбата Јане Сандански.
„Станува збор за целосна реконструкција на плочникот меѓу зградите на површина од околу 2.800 м2, со што овој простор ќе добие нов сјај со содржини приспособени за сите генерации. Покрај замената на старите и дотраени плочки, скверот ќе биде опремен со комплетно нова урбана опрема, односно нови клупи, нови канти за отпадоци, како и со хортикултурно уредување“, соопштија од Општината.
Реконструкцијата на оваа локација ќе го опфати и детското игралиште, каде што ќе бидат поставени нови забавни реквизити и подлога.
Проектот е финансиски поддржан од Владата и е во вредност од 10 милиони денари.