Уставниот суд утре ќе ја одржи 18. седница на која ќе се дискутира по иницијатива на политичките партии Левица и Демократи, во кои се оспорени одредби од Изборниот законик. Одредбите се однесуваат на платеното политичко рекламирање.
Левица во иницијативата наведува дека оспорените одредби од Изборниот законик промовираат дискриминаторски пристап од аспект на достапноста на медиумскиот простор и распределување на јавните финансиски средства за платено политичко рекламирање.
Во иницијативата се тврди дека Изборниот законик треба да обезбеди уставна рамнотежа преку еднаков третман на сите политички субјекти, преку еднаков пристап, бидејќи медиумскиот простор директно влијае на видливоста на учесниците во изборната кампања.
Подносителот смета дека толкувањето на Изборниот законик предвидува сите регистрирани партии кои се јавуваат како учесници во изборниот процес, без оглед дали се парламентарни или вонпарламентарни да добијат соодветна и пропорционална државна поддршка и медиумски простор за претставување на граѓаните.
Притоа, нагласува дека термините „може” и „најмногу” не смеат да се толкуваат буквално рестриктивно туку во согласност со целта на законот. Подносителот тврди дека во практиката произволно се толкува и двете најголеми партии од позиција и опозиција добиваат најмногу време, на штета на останатите помали партии. На овој начин, смета Левица, четирите најголеми партии-по две од власта и две од опозицијата добиваат привилигиран пристап до медиумите и државните средства, а останатите парламентарни партии се потполно исклучени, се наведува во иницијативата.
Политичката партија Демократи во инцијативата наведува дека помалите политички партии се ставени во нерамноправна положба, бидејќи се обезбедува 80% од бесплатниот рекламен простор само на четири политички партии, а на останатите само 20% од вкупниот број рекламни паноа и билборди. Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби го нарушуваат политичкиот плурализам и слободните демократски избори како темелни вредности на Уставот.