Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ) и Европската комисија за контрола на шап и лигавка (EuFMD), од денес до четврток (10–12 ноември 2026 година), спроведува заедничка симулациска вежба за болеста шап и лигавка.
Целта на вежбата е проверка и унапредување на подготвеноста на надлежните ветеринарни служби на двете земји за навремено откривање, пријавување и ефикасно справување со евентуална појава на оваа заразна болест кај животните, како и зајакнување на прекуграничната соработка, координацијата и размената на информации. Тридневната вежба се реализира преку комбинирани активности кои опфаќаат видеоконференциски, кабинетски и практичен теренски дел.
Денес, во Скопје и Софија, преку видеоконференциска врска и кабинетски вежби, учесниците работат на симулирани сценарија за појава на болеста, со акцент на постапувањето на надлежните институции, размената на информации и координација на мерките за нејзино спречување и контрола. Утре, во регионот на Струмица ќе се одржи практичниот, теренски дел од вежбата каде во симулирани услови, учесниците ќе спроведат активности за правилна употреба на лична заштитна опрема, спроведување на клинички преглед на животните и проценка на староста на карактеристичните лезии, земање и пакување примероци за лабораториско испитување, како и епидемиолошко истражување. Ќе се провери и примената на биосигурносните мерки при постапување на терен.
Во четврток ќе се одржи завршна сесија на која ќе бидат презентирани прелиминарните резултати и согледувањата од претходно спроведените активности. Преку заедничка анализа и дискусија ќе се оценат подготвеноста, координацијата и оперативните капацитети на ветеринарните служби, а ќе бидат разгледани и можностите за понатамошно унапредување на постапките за справување со болеста.
Шап и лигавка е исклучително заразна вирусна болест која ги зафаќа домашните и дивите чапункари, особено говедата, овците, козите и свињите. Болеста може да предизвика сериозни економски загуби во сточарството и ограничувања во трговијата со животни и производи од животинско потекло. Со организирањето на вакви симулациски вежби се зајакнуваат капацитетите за брза и координирана реакција при евентуална појава на заразни болести кај животните, што е од особено значење за заштитата на здравјето на животните, домашното сточарско производство и регионалната ветеринарна безбедност.
Активностите кои ќе се спроведуваат од денес до четврток се исклучиво во рамки на симулациска вежба, односно не станува збор за вистинска појава на болеста шап и лигавка. Поради овие причини ги известуваме граѓаните и сточарите дека нема причина за загриженост поради спроведувањето на вежбата.