Министерството за здравство прати известување до Обвинителството за затворените хируршки сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кое е примено и распоредено кај јавен обвинител. Ќе се преземат дејствија за да се провери дали во настанот воопшто има елементи на кривично дело, соопштуваат од ОЈО Скопје.
Од ОЈО посочуваат дека Обвинителството постапува и гони само доколку има кривично дело.
Како што вчера објавивме, само во три сали во комплексот клиники „Мајка Тереза„ во моментов се извршуваат исклучително итни операции. Останатите сали веќе 7-ми ден се затворени, поради ширеење на непријатна миризба.
За состојбите на клинички центар вчера на прес-конференција реагираше портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој рече дека цела недела, од минатата сабота трае проблемот со системот односно цевководот за кислород до операциски сали, цела недела нема испитување што е, што мириса, дали е загадено, дали навистина има јаглерод диоксид, како и дека во меѓувреме, со потпис со лична согласност, луѓе се оперираат на сопствен ризик.