Обвинителката собра докази против тројцата осомничени за убиството на Вања и Панче, за Палчо истрагата трае

palco-1170x1170-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Скопската обвинителка Жаклина Крстевска-Јосифовска ја заврши истражната постапкa, односно како што појаснуваат од ОЈО Скопје за Макфакс, преземени се сите дејствија за обезбедување на докази против Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски. Тројцата се осомничени за убиствата на 14-годишна Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а за решение во однос на истрагата за првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо ќе се чека по давањето исказ пред обвинител.


Како што додаваат од Обвинителстовото, осомничените лица добиле известување за завршување на истрагата, но имаат рок од 15 дена доколку имаат, да достават докази до обвинителката.

„Преземени се сите дејствија од страна на обвинителката за обезбедување на докази против сите лица, освен за лицето кое неодамна беше екстрадирано. До осомничените е испратено известување дека истрагата е  завршена и тие имаат рок од 15 дена за да достават докази, доколку имаат“, велат од Обвинителството за Макфакс.

Во текот на следната недела Палевски треба да биде изведен пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд за да се изјасни за притворот кој му беше определен во отсуство.

Според досегашните сознанија кои ги објавија надлежните, Палевски на 27 ноември лани им давал насоки на Кешишов, Манев и Видевски, со автомобилот на претходно убиениот Панче Жежовски да ја грабнат Вања од зградата.

Сознанијата за нејзиното излегување ги имале од нејзиниот татко. Откако ја киднапирале и ставиле во автомобил, по пат им се приклучил и Палевски и заедно се упатиле кон Бразда каде е извршено убиството. Палевски потоа беше во бегство во Турција, а тројцата соизвршители кои на 6 декември беа уапсени признаа вина.

Шефот на скопското Обвинителство, Гаврил Бубевски, на прес-конференција посочи дека куршумот го испукал Палевски.

Teлата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа пронајдени на 3 декември мината година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK