Комисијата за спречување и заштита од дискриминација потврди дека обвинителката Ленче Ристоска која беше дел од СЈО, а аплицираше за позиција во Вишото јавно обвинителство, била дискриминирана.
Таа посочи дека Комисијата ја уважила нејзината претставка и утврдила директна продолжена дискриминација како потежок вид на дискриминација по основ на лично својство и општествен статус извршена од страна на Советот на јавни обвинители.
„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја уважи мојата претставка и утврди директна продолжена дискриминација како потежок вид на дискриминација по основ на лично својство и општествен статус извршена од страна на Советот на јавни обвинители.
Во време кога е модерно да се декларират заложби за етичко лидерство во институциите и култура на професионален и личен интегритет, како и родова и секој друг вид на рамноправност, декларативноста треба да се замени со практична и јавна подршка на поединците што ги поседуваат овие квалитети и ги водат овие битки.
Воведувањето на мерит систем, наспроти практикување на дискрециони областувања, ќе влијае на зголемување квалитетот на работата и консеквентно на довербата во јавнообвинителскиот систем, бидејќи е едно од најсилните оружја против корупција, клиентелизам и дискриминација“, пишува Ристоска на социјалните мрежи.
Советот на јавни обвинители не ја избра обвинителката за во Вишото обвинителство и посочи: „Ленче Ристоска е добар обвинител, но млада за во Вишото јавно обвинителство и возраста е таа која вчера не само неа, туку и на другите млади обвинители со добри достигнувања им се испречи на патот за унапредување“.