Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, рече дека Министерството за одбрана ја сопрело уплатата на членарината на синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување и организирање.
Тој кажа со оваа постапка се прекршува колективниот договор на Министерството за одбрана, Законот за работни односи и Конвенциите потпишани од државата со Меѓународната организација на трудот.
„Министерката за одбрана јавно изјави дека членарината е сопрена од страна на службите т.е. секторот за финансии во Министерството за одбрана, но не кажа дека токму тие намерно се ставени во заблуда со незаконските постапки на 7 лица вработени во Министерство за одбрана, кои направија фалсификат и лажно се претставуваат и за кои синдикатот поднесе кривична пријава до Основото јавно обвинителство. Затоа апелираме до Основото јавно обвинителство – Скопје брзо да реагира и да се разгледа кривичната пријава против овие лица кои направиа хаос во Министерството за одбрана“, изјави Насковски.
Најави дека ќе имаат состанок со минстерката Петровска во вторник, а од него ќе зависи дали ќе протестираат пред Владата.
Реакција испрати и Министерството за одбрана.
„Во врска со наводите изнесени на денешната прес-конференција ве информираме дека во мај 2023 претседателот на Мултиетничкиот синдикат за образование го информира МО дека Александар Насковски е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација Независен синдикат на професионални војници – подружница на Мултиетничкиот синдикат за образование. Во ноември Министерството за одбрана е информирано дека нов претседател на овој синдикат е Зоран Павловски. Во меѓувреме со допис сме информирани дека Александар Насковски формира нов синдикат МЕС и во рамките на тој, нова подружница со исто име како и претходниот синдикат и пријавува нова жиро сметка за истоимена синдикална организација како нов правен субјект. Ваквата недоречена ситуација создала несигурност и сомнежи кај службениците чија одговорност е исплаќањето кои се обратиле до двата синдиката со барање да го потврдат членството. По ова, претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, подружница на МЕСО, Зоран Павловски доставува список на членови и потврдува дека тие и понатаму се членови на тој синдикат, додека Александар Насковски сè уште нема доставено потврден список на членството. Во интерес на заштита на вработените, Министерството ќе исплати членарина на оној правен субјект на кој членовите со пристапници ќе се изјаснат дека припаѓаат“, велат оттаму.