Повеќе случаи на семејно насилство биле пријавени во Тетово, Неготино, Велес, Охрид, Куманово и Струмица, информира Министерството за внатрешни работи. Во дел од случаите жените пријавиле дека биле физички нападнати и психички малтретирани од своите партнери, а полицијата привела повеќе лица.
Во Тетово, 36-годишен жител добил кривична пријава за телесна повреда, поради сомнение дека психички ја малтретирал и физички ја нападнал својата невенчана сопруга.
Во друг случај во истиот град, полицијата го лишила од слобода Џ.А. (30), откако неговата 25-годишна вонбрачна сопруга пријавила дека ја нападнал додека се возеле во автомобил. Според пријавата, тој подолг период физички и психички ја малтретирал и ѝ ја ограничувал слободата на движење. По документирањето на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во Неготино биле приведени 42-годишен маж и неговата 70-годишна мајка. Триесет и петгодишна жена пријавила дека била физички нападната од својот вонбрачен сопруг, додека неговата мајка ѝ упатувала закани. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи.
Во Велес, 69-годишен маж бил приведен по пријава дека во семејниот дом физички го нападнал својот 44-годишен син, употребувајќи дрвени предмети. При полициската проверка било утврдено дека бил под дејство на алкохол.
Случаи на семејно насилство биле регистрирани и во Охрид, каде што била приведена 37-годишна жена по пријава дека агресивно се однесувала и физички нападнала малолетен член на семејството, како и во Куманово, каде што бил приведен 33-годишен маж поради агресивно однесување кон својот татко.
Во Струмица полицијата постапувала по два одделни случаи. Бил приведен 45-годишен маж кој агресивно се однесувал кон сопругата, додека во вториот случај 38-годишна жена пријавила дека била физички нападната од сопругот.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на сите случаи, по што ќе следуваат соодветни пријави.