Организаторите на протестите по скандалите на Онкологија повикаа на нов протест што ќе се одржи денеска во 18 часот пред Владата.
Протестот од Влада ќе продолжи пред Зградата на ОЈО каде ќе се бара судска разрешница за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово.
„Катастрофалното работење на Клиниката за Онкологија секој ден се потврдува со нови скандали. Она што најново шокира е признанието на доктор на Клиника за онкологија, кој во интервју кажа дека косовски државјани се лечеле како македонски државјани. Односно, истиот државјанин на Косово во брза постапка добивал македонско државјанство и здравствено осигурување за да се лечи на Клиниката на онкологија. После ова признание од доктор, бараме одговор од министерот Оливер Спасовски по кој основ се делеле македонски државјанства на жители од Косово“, се наведува во повикот за протестот.
Се бара целосно расветлување на овој скандал, како и одговори кои лица биле инволвирани во давањето државјанства на жители на Косово, како и колку штета е предизвикана на Фондот на здравство.