Нов правилник за игрите на среќа: Ќе се проверуваат репутацијата и потеклото на средствата на приредувачите


depositphotos_5588485_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По усвојувањето на новиот Закон за игрите на среќа, продолжува неговата имплементација со донесување на потребните подзаконски акти. Министерството за финансии го донесе Правилникот за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа, информира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.


Со Правилникот детално се пропишува документацијата со која правните и физичките лица што ќе поднесуваат барање за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип ќе треба да ја потврдат својата репутација, интегритет и потеклото на средствата.

Потребната документација, меѓу другото, ќе се однесува на изречени санкции за забрана за вршење професија, казни за забрана за приредување игри на среќа, како и други околности што се значајни за учеството во приредувањето игри на среќа.

„Ова е важен чекор. Правилникот ги претвора законските принципи во конкретни правила, процедури и критериуми што ќе можат да се применуваат во пракса“, посочува Димитриеска-Кочоска.

Од Министерството за финансии информираат дека се работи и на подготовка и донесување на останатите правилници потребни за целосна имплементација на новиот Закон.

„Прецизната регулатива е основа за јасни и фер правила за работа во секоја индустрија, вклучително и индустријата на игри на среќа. За нас, донесувањето на Законот и на подзаконските акти не е крајот на процесот. Вистинскиот резултат доаѓа со неговата доследна имплементација“, наведува министерката.

Таа потсетува дека новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри беше донесен на крајот на јуни годинава, со образложение дека оваа област значително се променила во изминатите години.

Со новата законска регулатива се воведуваат повеќе новини чија заедничка цел е поголема заштита на граѓаните, посилна контрола и поодговорно работење во индустријата на игрите на среќа.

Според Димитриеска-Кочоска, потребна е современа регулатива која ќе одговори на новите предизвици и ќе овозможи поголема заштита на граѓаните и поефикасен надзор.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK