Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Подгорица, оствари средба и со министерот за транспорт на Црна Гора, Радош Зечевиќ.
На средбата се разговараше за можноста за унапредување на транспортното поврзување меѓу Македонија и Црна Гора, подобар пристап на пристаништата и нови развојни политики за меѓусебна соработка.
Николоски и Зечевиќ разговараа и за зголемување на економската и трговската соработка меѓу двете земји, а беше потенцирана и потребата од подобро регионално поврзување и модернизацијата на транспортната инфраструктура.
Вицепремиерот истакна дека Македонија работи на доизградба и модернизација на европските транспортни коридори, со цел подобро поврзување на регионот, олеснување на транспортот и обезбедување подобар пристап до регионалните пристаништа.
На средбата беа разменети и искуства и практики во областа на поморскиот сообраќај.
Соговорниците се согласија за потребата од унапредување на соработката во областите од заемен интерес, со цел создавање подобри услови за транспорт, трговија, инвестиции и економски развој во регионот.