Заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска оствари работна средба со директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
На средбата се разговараше за динамиката за реализација на проектите што ги спроведува Министерството за транспорт како дел од процесот за унапредување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, а се насочени за модернизација и унапредување на работата на граничните премини.
Се работи за проектот за новиот систем за видео надзор и автоматско препознавање на регистарски таблици преку кој се инсталираат преку 350 типови на надзорни камери на граничните премини.
Понатаму се разговараше и за реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, проект кој ќе започне да се реализира во скоро време.
Исто така на средбата се отвори и прашањето за имплементција на едношалтерскиот систем „Single Window” преку кој ќе се поврзат државните институции за подобрување на услугите за граѓаните и бизнис секторот.
Министерот Николоски истакна уверување дека проектите се реализираат со потребната динамика, се со цел да се унапреди системот на услуги што се овозможува на граничните премини.
„Подобрување на условите за работа на граничните премини е процес кој го спроведуваме во соработка со Царинската управа и преку кој создаваме систем на квалитетни услуги за сите економски оператори. Со реализација на овие проекти го унапредуваме транспортотот, ја зголемуваме ефикасноста на граничните премини и ова се проекти со кои обезбедуваме бенефит за Министерството за транспорт, за Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и други државни институции. Ова е од огромно заначење и за регионалната соработка како владин приоритет“, истакна на средбата министерот Николоски.