Постапувајќи по допрен глас дека во Скопје, на подрачјето на Општина Карпош, поточно пред спортскиот центар Борис Трајковски без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк меѓу кои и панорамско тркало, полицијата излезе на лице место и презема конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувања.
„Од страна на инспекциските служби поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ке бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите“, информираа од МВР.
За случајот, викендов алармираше Град Скопје, од кадешто беше истакнато дека фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски.
„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, повикаа од Градот.