Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски попладнево се огласи на обвинувањата на СДСМ во врска со бегството на Артан Груби, по кој е распишана меѓународна потерница за случајот со Државна лотарија. Тој посочува дека МВР има видео запис за настанот, а на полицискиот службеник му е изречена суспензија.
-Благодарност до госпоѓа Кузевска и СДСМ за тоа што повторно покажаа дека единствено нешто кое што знаат и умеат да го прават е да ја лажат македонската јавност и македонските граѓани. МВР поседува видео запис на којшто јасно се гледа повреда на закон и повреда на стандардни оперативни процедури од страна на полицискиот службеник којшто бил во тој момент во рамки на граничната полиција, вели Тошковски.
Додава дека против истиот, наредниот ден се преземени сите истражни постапки и врз основа на истите е доставено известување до надлежното јавно обвинителство, а тоа е Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
-Во текот на денешниот ден по консултација со надлежниот јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава која што ќе биде наредниот ден, односно утре поднесена до надлежното јавно обвинителство, информира Тошковски.
Исто така, додава, од страна на МВР е изречена суспензија во однос на предметното лице и исто така можам да потврдам дека ниту лично го познавам предметното лице, ниту лично сум потпишал или издал било каков акт во однос на неговото назначување за да работи во рамки на граничната полиција во Македонија.
-Жалам што навистина една партија која што себеси се нарекува за државотворна партија повторно ги брани нивните партнери, тоа се ДУИ, нели, и повторно покажува дека не работи во интерес на македонските граѓани, туку работи во лукративен интерес на нивните најблиски соработници коишто патем, еве слободно можам да кажам дека токму лицето кое што е недостапно на органите на прогон на времето, нели, кога беа во љубов изјавуваше дека тие биле едно. Епа дека тие се едно повторно докажуваат и потврдуваат со нивниот начин на однесување. Но, нека не се секираат, МВР ги има соодветните капацитети и покрај тоа што го оставија во фаза на швајцарско сирење и ќе си постапи согласно законите и согласно Уставот и секој еден којшто се огрешил ќе одговара пред лицето на правдата, посочува Тошковски.