Граѓаните што успеале да се фотографираат за нов пасош, иако сегашниот им е сè уште важечки, во моментот кога ќе го поднесат барањето, остануваат без овој документот оти службите на МВР се обврзани да им го одземат. Поради огромниот интерес за нови документи, постапката до издавање на новиот пасош трае повеќе од предвидените петнаесет дена, па граѓаните се жалат дека остануваат и по неколку недели без пасош.
„Макфакс“ побара објаснување од МВР како да постапуваат граѓаните што останале без пасош оти се фотографирале за нов, а мора да патуваат.
„При замена на пасош, кој е сè уште во важност, тој се одзема од страна на службеникот сè до одобрување на новиот документ. Но, доколку граѓанинот има потреба од патување, може да си го подигне стариот пасош сè до моментот на издавањето на новиот документ“, велат од МВР.
Оние што успале да се фотографираат за пасош со новото име на државата, многумина ги сметаат за среќници оти последните два месеца огромен е бројот на граѓани што се жалат дека не успеваат да остварат врска на телефонските броеви за да добијат термин. Наспроти искуствата на граѓаните, министерот за внатрешни работи постојано уверува дека линиите се континуирано во функција и термини се закажуваат.
„Телефонските линии за закажување 0800 192 92 и 072 929 292 се континуирано во функција и граѓаните може да закажат термин. Не постои застој во нормалното функционирање – ниту на економскиот оператор, кој за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, ниту во организациските единици при Одделот за граѓански работи, кои на дневна основа примаат повеќе стотици апликации од граѓани за разните видови лични документи. Факт е дека во овој летен период се зголемува обемот на барања за вадење лични документи“, велат од МВР.
Рокот за замена на сите документи што го немаат името Република Северна Македонија е февруари 2024 година.