Муцунски на средба на Тајани: Италија сака што поскоро да ја види Северна Македонија во ЕУ

mucunski-tajani.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во еднодневна посета на нашата земја престојуваше потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани. Денешната посета претставува прва посета на министер за надворешни работи од земја членка на Европската Унија, по формирањето на новата влада.



Во таа насока министерот Муцуснки истакна дека денешната посета претставува силна потврда на нашата заедничка определба за продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката на сите нивоа, додавајќи дека голема е честа што ова претставува и прва официјална посета на министер од земја членка на Европската Унија, по формирањето на новата влада.

Двајцата соговорници изразија задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји и ги потенцираа бројните можности за унапредување на оваа соработка, а особено на економски план и во таа насока во следниот период планирано е да одржи бизнис форум на кој ќе се разгледаат можностите за инвестирање во двете земји.

Министерот Муцунски го запозна својот соговорник и со најновите состојби во Регионот, процесот на интеграцијата во Европската Унија, ангажманите за засилување на добрососедските односи и регионалната соработка, во функција на обезбедување европска перспектива за нас и за земјите од Западен Балкан. Притоа, тој ги поздрави континуираните заложби на Италија за одржување на динамиката во процесот на проширување на ЕУ, заблагодарувајќи се за принципиелната поддршка од официјален Рим за нашата европска перспектива. Воедно порача дека европската идеја на Балканот ќе биде заокружена само доколку процесот добие вистинска валоризација преку интеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата, како историска пресвртница не само за државите, туку и за целиот регион.

Министерот Тајани нагласувајќи го политичкото убедување на Италија за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ потенцираше дека тие остануваат силен поддржувач на нашата држава, охрабрувајќи ја нашата земја да продолжи со реформите и посветено да го зајакнува општествениот капацитет како клучен елемент за успешноста во совладувањето на домашните и регионални предизвици.

„Денешната посета и средбата со министерот Муцунски е јасна порака за влогот кој Италија го дава за побрз пристап на Западниот Балкан во Европската Унија. Ние посветено работиме за Северна Македонија што поскоро да биде дел од унијата“, потенцираше Тајани во обраќањето пред медиумите.

Во фокус на разговорите на двајцата Министри беа и миграцијата, актуелните безбедносни прашања, трговијата и економските релации помеѓу двете земји.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK