Унапредувањето на соработката во земјоделството и трговијата со земјоделски и прехранбени производи беше тема на денешната официјална средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, со министерот за земјоделство, шумарство и рурален развој на Република Косово, Арменд Муја.
Двајцата министри го нагласија значењето на редовната комуникација и координација меѓу надлежните институции за унапредување на билатералната соработка, усогласување со стандардите на Европската Унија и размена на искуства во процесот на европската интеграција.
Министерот Серафимовски истакна дека близината на пазарите и потенцијалот на земјоделството создаваат основа за продлабочување на економските односи меѓу двете држави преку посилна институционална соработка, поголема трговска размена и долгорочни партнерства меѓу производителите и компаниите од прехранбениот сектор.
„За нашите земјоделци и компании, предвидливите услови за трговија се важни за сигурен пласман и планирање на производството. Со редовна институционална координација и почитување на стандардите за квалитет создаваме услови за развој на трговската размена. Во таквата соработка гледаме заеднички интерес за производителите, компаниите и потрошувачите во двете земји“, истакна министерот Серафимовски.
Министерот Муја ја нагласи важноста на систематски пристап во билатералната соработка, со кој заедничките приоритети ќе се преточат во континуирана работа на надлежните служби и стручна размена меѓу двете министерства.
„Наш приоритет е да ја зајакнеме и структурираме соработката меѓу двете министерства, со редовни институционални контакти и јасни канали на комуникација, истовремено унапредувајќи ја соработката во областа на безбедноста на храната, усогласувањето на сертификатите и стандардите и европската интеграција“, рече министерот за земјоделство, шумарство и рурален развој на Република Косово, Арменд Муја.
Заменик-министерот Албрим Хоџа ја нагласи важноста на непосредната соработка меѓу надлежните органи, со посебен осврт на трговијата со млеко и млечни производи.
„Соработката меѓу нашите институции треба да биде директна, брза и заснована на меѓусебна доверба. Кога станува збор за безбедноста на храната, особено за млекото и млечните производи со кои се тргува меѓу двете земји, важно е секое прашање да се разгледува врз основа на целосната документација, лабораториските резултати и континуираната комуникација меѓу надлежните органи. Нашата заедничка цел е јасна, заштита на потрошувачите и истовремено создавање услови за безбедна и непречена трговија меѓу Северна Македонија и Косово “, рече заменик-министерот Албрим Хоџа.
На средбата присуствуваа и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски.