Работната група за разгледување на предлози за прашањето за најниската пензија во Република Северна Македонија, и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите денес ја одржа првата конститутивна седница, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
„Многу е важно при носењето на предлог мерките и законското решение за пензиско осигурување или негови измени, да се води сметка за стабилноста на пензискиот систем и пензиите да продолжат да се исплаќаат навремено и редовно,“ истакна Тренчевска.
Посочи дека во фокусот на работната група ќе бидат пензионерите со ниски пензии, особено оние со минимална пензија. Притоа, потенцираше дека ќе се користат анализи и информации подготвени од страните вклучени во работната група, за кои ќе се дискутира, како и дека сите пристигнати предлози ќе бидат разгледани.
Од страна на претседателката на работната група беше посочено дека, работната група ќе работи интезивно, со средби до два пати во неделата, со цел што поскоро носење на предлог мерки и законски решенија.
Работната група се согласи дека прво ќе се работи на носење на соодветни социјални мерки за пензионерите со ниски пензии, а потоа ќе се пристапи кон ново законско решение за минимална пензија или измени на постоечкото.