Агенцијата за национална безбедност води истрага за македонски државјанин поврзан на странски фактори кои се креатори на портали кои шират руска пропаганда, а се поврзани и со мрежа на портали интегрирани и во македонскиот медиумски простор.
„Во рамки на заеднички координирани активности на АНБ, МВР и ОЈО, на 18.09.2026 г. преземени се истражни дејствија кон македонски државјанин надоврзан на странски фактори кои се креатори на пропаганден апарат со мрежа на портали интегрирани и во македонскиот медиумски простор. Поради основано сомнение дека е сторител на КД „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ по член 319 од КЗ, „Одавање службена тајна“ по член 360 од КЗ и „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ по член 394-г од КЗ, извршен е претрес во неговиот дом при што се пронајдени и одземени предмети кои во моментов се предмет на дополнително вештачење“, соопшти АНБ.
Вистинските актери на оваа пропагандна мрежа која е во функција на руските интереси, додаваат од Агенцијта, се кријат преку клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет домен. Преку овие псевдо-портали се шират лажни вести, дезинформации и се врши преобликување на наративи за актуелни настани, со што се поткопува довербата во институциите и се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост.
Од АНБ наведуваат дека наведените активности се континуитет на претходно попречените проруски хибридни активности на македонски државјанин, надоврзан на овие пропагандни мрежи, за кого беше поднесена и кривична пријава за „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
„Агенцијата во рамки на своите надлежности ќе продолжи да презема активности во насока на детектирање и спречување на субверзивно-пропагандни активности преку мрежа на портали надоврзани на регионални проруски политички структури, со кои директно се поткопуваат стратешките евро-интегративни процеси на земјава“, велат од Агенцијата.