Министерката за одбрана, Славјанка Петровска престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, наш сојузник и повеќедецениски стратешки партнер каде ќе се сретне со високи официјални претставници на Пентагон и на Стејт Департментот, извести Министерството за одбрана.
За време на посетата, министерката ќе ја реафирмира одличната одбранбена соработка помеѓу двете земји, која се одвива преку континуираните програми за поддршка на одбранбените реформи, процесот на модернизација и опремување кој е поддржан и од американска страна.
Министерката Петровска и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин во јуни годинава во Вашингтон го потпишаа Патоказот за соработка за периодот 2023 – 2033 година кој дава насоки во кои рамки ќе се развива веќе етаблираната и исклучително важна македонско-американска соработка.
Во досегашната соработка, од 1996 година САД ја поддржаа македонската одбрана со над 330 милиони долари, од кои над 135 милиони само во последната година, што ја покажува посветеноста на нашиот стратешки партнер во развојот на капацитетите на Армијата на Република Северна Македонија, се додава во соопштението на Министерството за одбрана.