Ова е втора или трета по ред тужба, бидејќи одлучив дека секогаш кога ќе обидат да клеветат и да нанесат штета на достоинството мое лично и на ВМРО-ДПМНЕ да поднесам тужба каде тие сега се осудени дека клеветеле без аргументи, односно дека емитувале лажни вести поврзани со мене, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на општина Новаци во врска со последната тужба која е во негова полза.
Ако се сеќавате, рече Мицкоски, тоа беше минатата година кога имаше кампања за рачиња во мед итн. за проект кој се однесуваше за Пречистителната станица во Скопје.
„Проект кој го почна Владата на СДСМ во време кога градоначалник беше од редовите на СДСМ, го потпиша актуелниот градоначалник и можам да заклучам дека медот изгледа друг го срка. Ама треба сите тие кои сега го сркаат медот да се свесни дека после медот следи пелин, а пелинот за неколку месеци од денес ќе дојде кога сите овие кои денес мислат дека комотно сркаат мед ќе одговарат за ова што го прават“, рече Мицкоски.
Мицкоски објасни дека според пресудата тие треба да се извинат и извинувањето да го објават во еден дневен весник на нивен трошок.
„Ако тоа не го направат тоа нормално ќе го направам јас бидејќи сум оштетениот, бидејќи лажеле и она кое можам да го порачам до македонската јавност е внимателно, многу внимателно да ги слушаат пораките од СДСМ, бидејќи станува збор за луѓе кои често пати се служат со лажни вести и тоа го потврдуваат дури и овие партизирани и октроирани судови во Македонија. Внимавајте, многу внимателно какви пораки СДСМ испраќа во јавноста да не подлегнуваме на тоа. Месеци се во прашање пред да ја ослободиме Македонија, а потоа следат подобри времиеа за сите нас“, заклучи Мицкоски.