По повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, премиерот Христијан Мицкоски порача дека документот е дел од поновата историја и од политичката и институционалната реалност на државата.
Мицкоски оцени дека кон Рамковниот договор треба да се гледа со зрелост, почит кон различните ставови во општеството и одговорност кон иднината.
„Свесни сме дека Рамковниот договор различно се доживува и толкува меѓу граѓаните. Историјата не треба да ја приспособуваме на дневната политика, ниту да очекуваме сите да имаат ист однос кон настаните од минатото. Но, наша обврска е од минатото да извлекуваме поуки и да градиме држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која управуваме мудро, одговорно и во рамките на институциите.“, наведе премиерот.
Тој посочи дека денешните генерации се соочуваат со нови предизвици и очекуваат функционални институции, еднаквост пред законите, подобро образование и здравство, економски развој и можности за иднината да ја градат во земјата.
„Време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува, а многу повеќе со она што заеднички треба да го изградиме. На Македонија ѝ е потребно општество во кое вредноста на човекот нема да се мери според неговото потекло, туку според неговото знаење, труд, чесност и придонес кон заедницата. Држава во која институциите ќе му служат на граѓанинот и во која напредувањето ќе зависи од способноста и резултатите.“, порача Мицкоски.
„Минатото не можеме да го промениме, но можеме да одлучиме каква иднина ќе изградиме“, порача премиерот и додаде дека таа иднина мора да биде ослободена од етнички тензии, политички манипулации и поделби кои со години се користеа како замена за резултати. Наместо тоа, потребни ни се работа, развој, ред, меѓусебна почит и силни институции.