Европската комисија потврди – нема назадување, туку напредок, овој извештај е подобар од ланскиот, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, по средбата со евроамбасадорот Михаел Рокас.
„Имаме подобар извештај од минатата година. Европската комисија констатира значителен напредок во спроведувањето на нашата Реформска агенда и нè вбројува меѓу земјите со најдобри резултати во рамките на европскиот Инструмент за реформи и раст. Во годинешниот извештај нема ниту една оценка за назадување. Напротив. Во две преговарачки поглавја е зголемено нивото на подготвеност за членство во Европската Унија, односно во дигиталната трансформација и медиумите, како и во образованието и културата“, рече Мицкоски.
Лани, додаде премиерот, такво подобрување беше забележано во едно поглавје.
„Овие оценки се поткрепени со конкретни резултати. До јуни оваа година, Европската комисија ослободила 142,1 милиони евра во рамките на Реформската агенда. Во извештајот се потврдува и економскиот раст од 3,5 проценти во 2025 година, односно овој Европски извештај го опфаќа извештајниот период заклучно со 31 август оваа година, иако потоа и Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка ги нивелираа своите прогнози во нагорна линија за оваа година. Зошто? Затоа што ги имаме би рекол повторно ажурирано извештаите за растот во 2024 и 2025. Во 2024 тој од 3 се нивелираше на 3,8, а во 2025 од 3,5 на 3,8 проценти. Невработеноста во истиот период се намали од 12,5 на 11,7 проценти. Ова се резултати што Европската комисија ги евидентира во својата официјална оценка за нашата економија“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека Европската комисија констатира добар напредок во дигиталната трансформација, науката и истражувањето, како и во надворешната и одбранбена политика.
Мицкоски се осврна и на правосудството. „Европската комисија констатира дека новиот Закон за Судскиот совет во голема мера ги адресира препораките на Венецијанската комисија. Важна е споредбата со минатата година. Во поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството и фундаменталните права, Европската комисија во 2025 година констатираше дека нема напредок. Годинава констатира ограничен напредок. Кај функционирањето на судството оценката се подобрува од „нема напредок“ на тоа дека има „одреден напредок“. Тоа е поместување што треба да продолжи и да се потврди со резултати во пракса“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека Извештајот содржи и забелешки и дека Владата ги сфаќа со цела сериозност.
„Тие се дел од обврските што треба да ги исполниме пред нашите граѓани, независно од динамиката на пристапните преговори. Одговорноста за спроведувањето на реформите ја имаат сите надлежни институции. Владата мора да продолжи со законските и институционалните реформи, да ги обезбеди потребните услови и ресурси“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека и покрај сите предизвици и сите тешкотии, останува определбата на Владата за полноправно членство во Европската Унија останува непроменета.
„Причините за тоа се многу подлабоки од кој било годишен извештај. Спорот со нашиот источен сосед и наметнатиот билатерален спорт, минатата влада прифати да влезе во општите критериуми за членство, што секако преставува хендикеп во развојот на интегративните спорови. Ние немаме недостиг на реформи туку преостанати политички услови. Европската Унија е нашиот најважен економски партнер. Европската Унија е простор на слободно движење, заеднички правила, економски можности и институционална стабилност. Членството значи пристап до големиот европски пазар, поголеми можности за домашните компании, повеќе инвестиции, подобра инфраструктура и повисоки стандарди во сите области на општеството“, рече Мицкоски.