„Денеска затвораме една историска епизода затоа што тоа што го видов низ Македонија, тоа што го почувствував, таа енергија, таа емоција која доаѓа од народот на Македонија е навистина голема. Народот се обединува околу желбата за промени и сега од нас зависи колкав ќе биде интензитетот на тие промени и колкав ќе биде бројот на пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, но и за идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Лозово.
Мицкоски истакна дека Али Ахмети со неговите, како што ги нарече, пајташи ќе се обидат да тргуваат со гласот на народот.
„Али Ахмети со свои неколкумина пајташи со вашите крадени пари ќе се обиде да тргува со гласот на народот и треба тоа да го спречиме. ДУИ и Али Ахмети не смеат да имаат пратеник во ИЕ 3 и тоа треба да биде јасно и гласно кажано во оние средини каде ДУИ и Али Ахмети се движат и каде се обидуваат да тргнуваат со гласот на луѓето кои живеат во тие средини. Треба многу јасно и гласно да им се каже на тие наши сограѓани дека денот завршува со ноќта, но утре има друг ден, повторно да огрее сонцето. После 24 април следи 25 април и повторно треба да огрее сонцето, после 8 мај следи 9 мај и повторно ќе треба да огрее сонцето. Многу е важно затоа што многу тешко ВМРО-ДПМНЕ влегува во Липково, Чегране, Зајас, а тие некако многу лесно се обидуваат тука во ИЕ 3 да тргуваат со гласот на народот“, истакна Мицкоски.
Мицкоски упати апел масовно да се излезе во среда и на тој начин да се оневозможи потенцијалот на ДУИ да расте.
„Задутре во среда треба да ни биде прва цел, да се излезе масовно и на тој начин да се оневозможи потенцијалот на ДУИ да расте и во ИЕ 3 Али Ахмети да има пратеник. Али Ахмети после овие избори треба да оди во опозиција и заедно со тие малкумина кои сеуште му се верни од раководството на ДУИ да одговараат за се што и направија на Македонија“, дециден е Мицкоски.