Премиерот, Христијан Мицкоски, кој учествува на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, имаше средба со францускиот претседател, Емануел Макрон.
„Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи, теми на кои долго време работиме. Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања“, напиша Мицкоски.
Нашата цел, додаде тој, е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка.
„Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред“, вели Мицкоски.
Премиерот имал средба и со германскиот канцелар, Фрудрих Мерц, на која размениле мислења за европските перспективи на регионот.
„Денес во Тиват остварив средба со германскиот канцелар Фрудрих Мерц, во рамки на Самитот ЕУ Западен Балкан. Разменивме мислења за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и важноста од продлабочување на соработката и европската интеграција. Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион“, вели Мицкоски.