Задоволството е големо што имам можност да присуствувам на стартот на една нова и надоградена приказна изразена во новата инвестиција на компанијата Киел. Во едни вакви тешки времиња би рекол дека не само што е мудра, туку и навистина смела одлука да се инвестира во државата. И во таа смисла јас како човек кој за скоро очекувам да ја добијам парламентарната поддршка за водење на идната влада имам изразена намера да придонесам и активно поддржам секаков процес кој ќе значи нови работни места, повеќе пари во македонската економиjа, успешни бизнис приказни кои ќе ја потврдат мојата искрена намера преку инвестиции, преку развој и технолошки прогрес да ја враќаме државата на народот, контролата во негови раце и да создаваме среќна иднина за сите, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Целосно сум свесен за предизвиците кои престојат и реформите кои мора да се преземат. Корупцијата и борбата против криминалот ќе биде нашиот примат и секој инвеститор мора да биде стопроцентно уверен дека државата ја гарантира заштитата од неморални и коруптивни притисоци и настојувања. Никој не смее да биде над законот, исто како што никој не смее да помисли да ја одземе иднината и работите кои ја создаваат иднината. Новата влада ќе биде партнер на стопанствениците“, рече тој и додаде:
„Заедно да создаваме и да придонесуваме за подобар живот. Јас сум за што повеќе инвестиции кои го зголемуваат животниот стандард, а ова е борбата за подобар живот на сите граѓани. Македонија се сака со дела и тоа е најдобриот одговор за сите кои во политиката прават етнички поделби, креваат ѕидови и создаваат омраза. Да имаме натпревар на идеи, наместо натпревар во шовинизам и радикализам. Со работа, со решенија и креирање конкретни работи се сакаат и се бори за благосостојбата на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати. Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата. Ќе има кратење на административните процедури и отстранување на бариерите кои го попречуваат бизнисот. На крајот дозволете ми да им честитам на инвеститорите за храбрата одлука, во мене гледате човек кој сака да ви помогне и заедно да направиме Македонија да биде подобро место за живеење. За сите вас – рече Мицкоски.