ФЕИТ е институција – стожер на образование, знаење, иновации и извонредност

viber_image_2024-06-18_23-27-24-464
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје прослави 65 години од своето основање. На свечена академија, организирана под мотото „65 години наставна и научна извонредност“ беше претставен академскиот стремеж за постојан напредок, развој на науката, поддршка на иновативноста, трансферот на технологии, соработката со стопанството и гордоста дека Факултетот е дом на генерации млади и инспиративни студенти кои докажано прераснуваат во носители на битни општествени процеси во земјата и пошироко. Исто така, на свечената академија беа промовирани нови 124 инженери и 56 магистри. Активностите на ФЕИТ се фокусирани на создавање инженери на новото време подготвени да го водат процесот на енергетска, зелена и дигитална транзиција, слично како што претходните генерации беа пионери во градењето на основната инфраструктура на државата.







„Во текот на овие шест и пол децении, нашиот факултет се етаблираше во водечка образовна и научно-истражувачка институција кај нас и во регионот. Денес го славиме не само нашиот јубилеј, туку и нашето патување исполнето со бројни достигнувања, труд и справувања со предизвици. Од основањето пред 65 години, Факултетот овозможува новите технологии да продрат во нашето општество и да го подобрат квалитетот на живот во земјава. Од 1959 година се до денес, ФЕИТ се разви во стожер на образование, знаење, иновации и проекти, центар на извонредност, докажан и сигурен партнер на локалната и интернационалната индустрија, институција која создава генерации инженери и научници“, рече професор д-р Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ.

Според него, вложувајќи ги знаењата стекнати на ФЕИТ, македонските инженери продолжуваат да ја создаваат и унапредуваат клучната инфраструктура во земјава, како основа за развој на индустријата, стопанството и општеството во целина. Инженерите по електротехника и информациски технологии од ФЕИТ се носители на технолошката ренесанса на денешницата.

„ФЕИТ ќе продолжи да чекори на патот на извонредност во развојот на електротехниката и информациските технологии. Нашата визија за иднината е јасна: да останеме лидер во образованието и истражувањето, да го прошириме нашето влијание и да продолжиме да придонесуваме кон технолошкиот и општествениот напредок. Погледнувајќи кон иднината, уверен сум дека ќе продолжиме да го градиме патот на успехот со заеднички напори, посветеност и страст“, порача Атанасовски.

Целта на образованието е да се образуваат кадри што ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот и со својот индивидуален успех, ќе придонесуваат за колективниот македонски успех, порача Гордана Сиљановска Давкова, Претседателка на Република Северна Македонија.

„Ако не вложуваме во нивната сегашност, не можеме да вложуваме ни во нивната иднина, ниту во економската иднина на нашата земја. Со задоволство може да кажам дека ФЕИТ, како членка на УКИМ, има сериозен придонес во осовременување на наставно – образовниот процес, во создавање на технолошки лидери и во јакнење на врските со македонското стопанство“, рече Сиљановска Давкова..

ФЕИТ е факултет кој отсекогаш бил светилник на извонредноста, место каде се негуваат на умовите, место каде што се поттикнува креативноста и место каде што се поместуваат границите на можното. „Од самото негово основање, визијата била јасна: да се култивира (артикулира) простор каде љубопитноста се среќава со експертизата, каде што студентите се трансформираат во лидери и каде идеите еволуираат во технологијата за основање“, истакана професор д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Според неа, и покрај сите опипливи достигнувања, духот на оваа академска заедница се одвојува по тоа што го поттикнува и негува безграничниот ентузијазам и постојаната потрага по знаење кај своите студенти кои се срцето на оваа институција. Тие доаѓаат со соништа и заминуваат како иноватори и стручњаци кои се подготвени да се справат со предизвиците на утрешнината.

Факултетот, во овие 65 години, може да се пофали со речиси 11.000 дипломирани инженери, 1.300 магистри и 170 доктори на науки. Во моментов има 1.500 активни студенти кои работат под менторство на 100-тина наставници и истражувачи, во 20 современо опремени и модерни лаборатории. Факултетот соработува со повеќе од 50 меѓународни универзитети и учествува во бројни европски и национални проекти. Во изминатите 65 години, ФЕИТ беше домаќин на бројни научни конференции и симпозиуми и е единствен факултет со меѓународно акредитирани студиски програми на прв циклус, согласно германското акредитациско тело за инженерски програми ASIIN. ФЕИТ со години го имплементира ISO системот за управување со квалитет. Во 2018 година е воспоставен Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ кој соработува со голем број домашни и меѓународни компании. Овој Центар има ексклузивен статус на целосно оперативен дигитален иновациски хаб во С. Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK