Продолжува кампањата „Да го исчистиме Центар од хаварисани возила“ со цел да се ослободат паркинг местата и јавните површини на територија на Општина Центар зафатени од хаварисани и напуштени возила и приколки кои претставуваат опасност за жителите и животната средина.
Директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски и претседателот на Асоцијацијата за секундарни суровини и рециклатори при Стопанската Комора на Македонија, Владо Момировски, потпишаа меморандум за соработка со кој двете страни се обврзаа заеднички да соработуваат и делуваат во насока на преземање и натамошна рециклажа на хаварисаните и напуштени возила од територијата на Општина Центар, како и други видови на соработка во областа на рециклирањето и циркуларната економија.
Ваквите возила, со согласност на сопственикот, ЈП ПОЦ бесплатно ќе ги подигне и однесе до локациите на некоја од членките на асоцијацијата на територија на Скопје лиценцирани за откуп и третман на хаварисани возила. Потоа возилото се сече на делови како секундарен материјал, при што продолжува во процесот на рециклажа. Надоместокот извршен од откупот на железото согласно ценовникот на одбраната компанија во целост оди на сопствениците на возилата.
Оваа соработка е во насока на подобрување на редот во паркирањето и зголемување на капацитетите на слободни паркинг места, но и воспоставување на долгорочно партнество со цел задоволување на потребите на корисниците и жителите на Центар.
Отворена е телефонска линија 076 350 767 каде сопствениците на хаварисани возила ќе можат да ги пријавуваат своите автомобили, соопшти ПОЦ.