Министерот за здравство,Фатмир Меџити, во рамки на 78 Генерално собрание на Обединетите нации, се обрати на седницата од висок ранг, на тема „Превенција на пандемии, подготвеност и одговор на истите”.
Меџити говореше за предизвиците со кои здравствените системи се соочија насекаде во светот во екот на крона кризата, како и за товарот што здравствениот систем во Северна Македонија го носеше во борба со Ковид-19.
Се осврна и на заложбата за инвестиции во критичните недостатоци во однос на подготвеност за пандемии и градење отпорен здравствен систем. Тој потенцираше дека од клучна важност е модернизирање на здравствените системи како и современа и навремена испорака на услуги за ефикасна и ефективна грижа за пациентите, потенцирајќи дека овие долготрајни предизвици во земјите од регионот треба што побрзо да се надминат.
„Ковид-19 пандемијата го истакна значењето на здравите и силни здравствени системи, беспрекорната координација и ефективни механизми за одговор. Северна Македонија не беше изземена од нејзините разорни влијанија. Нашата здравствена инфраструктура е под тежок притисок, а ранливите заедници понесоа непропорционален товар.
Нашиот одговор мора да биде брз, со еднаков пристап кон сите и напреден. Еднаквиот пристап е во срцето на нашата стратегија. Ја зајакнуваме јавната здравствена инфраструктура, ги подобруваме системите за надзор и даваме приоритет на недоволно опслужените заедници“, рече Меџити.
Според него, предизвиците како пандемии не познаваат граници, и затоа потребна е солидарност меѓу земјите и колективен одговор, како во размена на искуства и експертизи, така и во размена на информации и спречување на дезинформации.
„Гледајќи напред, ние се обврзуваме на натамошно градење на отпорност на здравствениот систем. Северна Македонија е отворена за меѓународна соработка и партнерство за постигнување на овие цели. Само со заеднички одговор во време на пандемии и здравствени кризи може да ги заштитиме нашите граѓани, да го зајакнеме нашиот здравствен систем и подобро да се подготвиме за идни предизвици“, истакна Меџити.