Место од први јануари сегашниот Клинички центар да почне повторно да функционира со еден директор, како што уверуваа министерот за здравство Фатмир Меџити и премиерот Димитар Ковачевски, организациските директори остануваат и ќе земаат плати уште околу половина година. Премиерот Димитар Ковачевски денес извести дека укинувањето на организациските директори, популарно наречени економски директори, ќе се случи по изборите.
„Министерот за здравство веќе поднесе информација до Владата. Тоа се случи пред еден месец. Предложи укинување не само на организациските директори туку и на медицинските директори на клиниките, повторно спојување и да имаме еден клинички центар во кој ќе се знае одговорноста, обврските и надлежностите, нормално низ една хиерархија која што ќе биде договорена низ процесот на имплементација на оваа информација и соодветните заклучоци кои се донесени. Министерот за здравство тоа што го вети и тоа што јас сум го ветил веќе го имаме почнато како процес и тој процес сигурно дека некаде после изборите ќе биде реализиран со оглед на тоа што треба да се направат соодветните реорганизации. Тоа е процес кој е почнат и кој ќе заврши. Да бидеме реални на еден квадратен километар 60 директори, 60 организациски директори, 60 управни одбори, нема никаква потреба од тоа“, рече премиерот Ковачевски.
Како оправдување зошто досега не се укинати економските директори премиерот Ковачевски ги наведе ковид – кризата, економската и енергетската криза и нагласи дека Владата едногласно ја усвоила информацијата за реорганизација на Клиничкиот центар, веднаш откога министерот Меџити им ја доставил.
Министерот Меџити пред седум месеци рече дека подготвил план за укинување на организациските директори кој како информација ќе го достави до Владата. Уверуваше дека од први јануари Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе почне да функционира со еден директор, а не можело планот да се спроведе веднаш откако беше изготвен оти пресметките се правеле со почетокот на новата година.
„Едвај чекам тоа да се случи, нема повеќе да имаме загубари кои не знаат што работат. Ќе се прават набавки со цел поголемо количество-пониска цена“, рече министерот Меџити пред седум месеци.
Денес, пак, уверува дека се тече според планирана динамика и организациските директори ќе бидат укинати, но по изборите.
„За ова главните борци за да го дотераме до крај бевме јас и премиерот. Ова ќе биде реалност некаде до крајот на мај или почеток на јуни. Течат сите процедури. Треба да се спојат 33 управни одбори, 33 медицински, 33 организациски директори. Тие заеднички служби, 20 милиони евра загубари кои јас многу ги сакам, нема да ги дозволиме. Сите планови се реализираат со конкретната динамика што ја имавме досега“, рече министерот Меџити.
И тој и премиерот Ковачевски сметаат дека не постои опасност новата Влада да не го продолжи проектот оти се уверени дека ќе биде истата Влада.
Меџити е третиот министер за здравство кој зборува за укинување на економските директори на клиниките. Пред него економските директори ги укинуваа и Беким Сали и Венко Филипче, но само декларативно.