На декемврискиот самит не може да очекуваме дека ќе се случи нешто спротивно од она што е напишано во преговарачката рамка и од она што веќе ни е дадено како обврска, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Тој очекува да имаме охрабрувачки пораки и покрај тоа што претседателот Стево Пендаровски јавно кажа дека на самитот нема да има позитивна одлука за нас оти нема уставни измени.
„ Процесот на скринингот ќе заврши во првата недела од декември. Ние ги подготвуваме и ќе ги испратиме оние патокази кои ни се обврска од крајот на скринингот во првиот кластер и понатаму тука ќе застанеме доколку не се завршат уставните измени. Бидејќи во моментот нема изгледи тоа да се случи, треба да очекуваме застанување. Но ние не се откажуваме од тоа. Не се откажуваме до последниот ден на мандатот на овој собраниски состав да разговараме и да ги убедуваме колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат сопствената држава, да не влезат во еден вртлог, во еден тунел во кој веќе еднаш не имаат внесено 2008 година и да соберат сила заедно да о направиме овој потег. Одговорноста ќе биде заедничка, но и поените, да докажат на дело дека навистина се за Европска унија“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ и денес, по кој знае кој пат, повтори дека блокадата на државата во овој момент има име и презиме, дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на оваа политичка партија кои свесно, со политичка одлука ја блокираат државата во понатамошниот тек на преговорите.