Првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес учествуваше на панел дискусијата: Жени во органи на управување- зајакнати органи на управување, зајакнат деловен сектор, зајакнато општество.
Маричиќ ja истакна важноста за поттикнување поголема родова инклузивност во сите аспекти на општеството, особено во управувањето и политиката, нагласувајќи го императивот за зголемено учество на жените.
Според него, битката за родова еднаквост не е само женска борба, тоа е колективен потфат кој бара активно вклучување и поддршка на мажите. Долгорочниот успех зависи од нашите заеднички напори.
Традиционалните бариери,како што вели, мора да се отстранат за да се отвори патот за значајно ангажирање на жените во процесите на донесување одлуки. Студиите постојано покажуваат дека квалитетот на одлуките значително се подобрува кога се вклучени жените.
„Како политички субјект, ние сме длабоко посветени на унапредување на вклучувањето на жените во политиката. Нашата агенда дава приоритет на стратегиите за раст, родово одговорно буџетирање, вклучување на пазарот на трудот и паритет на платите.
Учеството и инклузивноста на жените во економските одлуки даваат поквалитетни резултати, нагласувајќи ја важноста од нивното присуство на секое ниво.
За општество кое напредува земајќи ги во предвид различностите и еднаквоста, зајакнувањето на жените во управувањето не е само опција – тоа е императив што сите мора да го прифатиме“, нагласи тој.
Маричиќ рече дека и самата Европска Унија врши позитивен притисок врз нас во насока на унапредување на родовата еднаквост на сите нивоа и во сите сфери.
Во тој контекст го спомна Планот за раст за Западен Балкан кој е нов поттик за забрзана конвергенција на нашите економии и намалување на разликите со економиите на членките на Европска Унија.
„Реформската агенда го опишува стратешкиот пристап на Северна Македонија за забрзување на фундаменталните реформи за прогресивна интеграција со единствениот пазар на Унијата и социо-економската конвергенција, како и усогласувањето со законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на Унијата.”
На панел дискусијата учество земаа и гувернерката на Народната банка Ангеловска Бежовска, претседателката на Надзорниот одбор на ПроКредит банка Јолеска Поповска и директорот на производството на Џонсон Мети Борозанов.