Судијата кој одлучувал за враќање на пасошот на Јахоски треба да се разреши, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, на новинарско прашање за коментар по изјавата на судските власти, дека гаранцијата од околу 2 милиони евра е доволна да му се издаде пасош на Асмир Јахоски, за напуштање на државата.
„Кога станува збор за случајот со Асмир Јахоски едно е јасно, дека институциите треба веднаш да преземат активности. Прво, треба да се провери начинот како го добил тој времениот пасош и второ следствено на ова, веднаш да биде разрешен истиот судија којшто му го дал овој времен пасош. Замислете доколку на секој осомничен за криминал, доколку сака да ја напушти државата, да оди на некакви забави надвор од државата, судот му дава пасош или му го враќа или му дава времен пасош, би настанал тотален хаос во државата“, рече тој.
Вчера ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Јахоски кој, како што рекоа, го оштетил Буџетот на државата за неверојатни 167 милиони евра и за кого се води постапка, ужива на Босфор.
„Откако доби домашен притвор за кривично дело перење пари и други приноси за набавката на мазут со сомнителен квалитет и потекло, синот на пратеникот на ДУИ, сега можеме да го видиме по медиумите дека е на Босфор, Турција. Судиите избрани од ДУИ и СДС, му го укинаа притворот и му го одземаа пасошот, бидејќи тој даде милиони да гаранција дека нема да бега, сега се поставува прашањето како е тој во Турција кадешто ги троши милионите кои ги проневерил“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.