Мало недоразбирање, вели косовската претседателка Османи за знамето на „голема Албанија“ во Тетово

vjosa.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека посетата на премиерот Албин Курти во Македонија била погрешно разбрана, додавајќи дека истакнувањето на знамето на „голема Албанија“ во Тетово не било организирано, туку граѓаните го донеле самоиницијативно. , пренесува „Коха“.

Османи истакна дека Северна Македонија е „еден од најскапоцените соседи на Косово“.

„Тоа е граѓанска иницијатива, а не нешто што е планирано од организаторите. На митинзите никој од организаторите не ја проверува раката на секој граѓанин. Се разбира, доколку институциите на Северна Македонија се сомневаат, нашето единствено барање како Република Косово е се да се направи во согласност со највисоките меѓународни стандарди за заштита на човековите права и немнозинската заедница и секогаш со почитување на државотворната улога што ја одигра албанската заедница во градењето на државата Северна Македонија“, изјави Османи.

Таа посочи дека албанската заедница која живее во Северна Македонија продолжува да придонесува за изградбата на таа земја и дека тоа го знаат институциите.

„Верувам дека тоа е мало недоразбирање. Кога ќе имаме взаемна волја, која секогаш сме ја докажувале, ќе се надмине, знаејќи дека сите косовски институции се заинтересирани само за раст на позитивните односи со Северна Македонија“, рече Османи.

Политичките фактори настапот на Курти го гледаат како националистички, за време на чиј говор, пред илјадници поддржувачи во Тетово, јавно беше истакнато знамето на „голема Албанија“, а потоа снимки со симболот со територијални претензии сподели на социјалните мрежи, тетовскиот градоначалник и лидер на БЕСА, Билал Касами кој беше организатор на настанот, а го дочека со песна „Добредојдовте во Албанија“.

На ова реагираше македонскиот претседател Стево Пендаровски кој рече дека „нагласувањето на провокативната националистичка иконографија поттикнува омраза и етничка нетрпеливост и ги нарушува основните вредности на Охридскиот рамковен договор“.

По лицето што го вееше знамето на „голема Албанија“ полицијата веќе четири дена трага.

Скандалозно беше и тоа што на настаните не беше интонирана државната химна, ниту пак беше поставено државното знаме, за што Министерството за внатрешни работи претходно денес до надлежните Основни судови поднесе барања за поведување на прекршочна постапка против Општина Чаир и Општина Тетово и градоначалниците на овие општини, Висар Ганиу и Билал Касами.

МВР образложи дека не е постапено во согласност со Законот за употреба на грбот, знамето и химната.

Албанските политички лидери кои учествуваа на собирите со косовскиот премиер и покрај осудите и бурните реакции не и’ се извинија на јавноста.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK