Оценската мисија за функционирањето на правосудниот систем во Македонија ќе отпочне со работа утре. Лидерот на експертскиот тим, Бранко Хрватин, поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска ќе ја посети земјава на утре и задутре, со што ќе го означи почетокот на работата на мисијата, соопшти денеска Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Првично ќе биде идентификуван обемот на работата што ќе ја врши оценската мисија, а работата, како што се наведува во соопштението, ќе биде комплетирана од тим од експерти од земјите-членки на ЕУ, кои во септември ќе ја посетат земјава.
-Тимот на експерти од земјите-членки на ЕУ ќе ја испитаат институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложат краткорочни и среднорочни мерки, вклучувајќи легислативни и институционални мерки, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот на значајното управувачко тело на судството, се вели во соопштението.
Оценската мисија претходно ја најави шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, кој во интервју за МИА изјави дека препораките што ќе произлезат од мисијата, би требало да го зајакнат Судскиот совет да си ја врши својата обврска, која, вели, е да ја заштити независноста, интегритетот и професионалноста на судиите.
-Ова буквално значи дека испраќаме луѓе на исти позиции, значи судии, луѓе кои биле дел од судските совети на различни земји членки на ЕУ, да дојдат, да видат каква е ситуацијата, да го разгледаат законодавството за да видат дали има одредени слабости кога станува збор за транспарентност, кривична одговорност, да се сретнат со сите засегнати страни со цел да видат како е спроведено, и потоа да дадат препораки кои би требало да го зајакнат Советот за да си ја врши својата обврска, која, како што кажав, е да ја заштити независноста, интегритетот и професионалноста на судиите, нагласи евроамбасадорот Гир во интервју за МИА.
Тој истакна и дека политиката да се тргне од правосудството, Владата и политичките партии да покажат волја дека се подготвени за тоа, но и судиите дека се подготвени независно да ја вршат својата работа.
-Вие може да ја имате најдобрата Оценска мисија во светот со одлични препораки, но зависи од политичката волја на Владата и на партиите, како и од волјата на судиите дали на судството ќе му биде дозволено да си ја врши работата, рече Гир.