Левицата за случајот во Светиноколско: Одговорност за животот на работниците мора да има

Левицата-за-случајот-во-Светиноколско-Одговорност-за-животот-на-работниците.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Граѓаните уште еднаш беа потресени од веста за смртта на уште еден работник на работното место, велат од Левица во врска со случајот во Светиниколско. Потсетуваат дека изминатите два дена сите беа во исчекување на извештаите од надлежните инспекторати и државни органи кои правеа увид за несреќата, но според нив, од она што може да се заклучи од достапните информации за јавноста, е дека уште еднаш, наместо да се заштити работникот, властите и инспекциските служби го заштитуваат работодавачот.

Додаваат дека Државниот инспекторат за труд наместо итно, веднаш и без одложување да ја провери документацијата и ја утврди фактичката состојба за исполнувањето на обврските на „Работодавачот“ кон работникот, соопшти дека документацијата не е проверена и дека од „оправдани причини“ се чека работодавачот да ја достави. Со ова, според Левица, трудовиот инспекторат остава простор за работодавачот да ја „среди“ документацијата со цел да се заштити себеси и да не понесе никаква одговорност за смртта на еден работник.

Според објавеното во јавноста, како што оценуваат, вината за смртта се префрла на самиот работник со наративот дека не носел соодветна заштитна опрема, но ова го отвора прашањето: Зошто работникот не носел соодветна опрема?“ и Дали и каква опрема и услови за работа на настраданите работници има обезбедено работодавачот?.

„Имајќи во предвид каков загадувач е фармата во која работникот го изгубил животот и какви се хигиенските и работни услови кои треба да ги обезбеди работодавачот, дискутабилно е тоа дали воопшто законските обврски за безбедност при работа ги има исполнето работодавачот, и кога последен пат се вршени инспекторски надзори за да се утврди фактичката состојба за тоа какви услови обезбедува работодавачот за работа на работникот, и што стои во овие инспекторски извештаи.

Целиот наратив кој го водат државните институции покажува само колку многу животот на работникот во Македонија е обезвреден, и дека државните служби наместо да го заштитат основното човеково право на живот, тие во уште еден случај го заштитуваат интересите на компаниите и капиталот“.

Левица смета дека целата оваа постапка не се води доволно транспарентно и правилно. Нагласуваат дека одговорност за губењето човечки животи на работно место мора да има.

„Како политички субјект кој секогаш стои на страната на работниците и обесправените, бараме Обвинителството да го преземе случајот и утврди која е вистинската причина за смртта на работникот, и дали работодавачот и надлежните државни служби имаат направено пропусти“, велат од Левица.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK