Делегација на Левица предводена од советникот Боби Илиевски, денес положи цвеќе на спомен-обележјето кај Карпалак, оддавајќи почит на десеттемина македонски бранители кои пред 25 години ги загубија животите во масакрот кај Карпалак.
На 8 август 2001 година, припадниците на македонските безбедносни сили беа нападнати во кукавичка заседа поставена од припадници на УЧК. Во нападот беа убиени Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Веби Рушидоски.
„Четврт век подоцна, државата сè уште нема обезбедено правда за масакрот кај Карпалак. Напротив, со години сведочиме како политичките елити го затвораат прашањето со амнестии, премолчување и политички договори. Во меѓувреме, статусот на бранителите со децении останува нерешен, а семејствата на загинатите се оставени сами да го носат товарот на една неправда која државата одбива да ја исправи.
И денес, наместо отворање на прашањето за одговорноста за воените злосторства од 2001 година, власта продолжува со политика на заборав и релативизација. Истите политички структури кои со години го одложуваат решавањето на статусот на бранителите, денес повторно бараат од македонскиот народ да прифати дека за дел од неговата историја треба да молчи.
Левица ќе продолжи да бара правда за бранителите и одговорност за сторителите на воените злосторства. По 25 години, Карпалак останува отворена рана на македонската држава и потсетник за цената на политичките договори склучени на грбот на оние кои ја бранеа.
Воените злосторства не застаруваат.
Вечна слава на хероите!“, се вели во соопштението на Левица.