„Народот вели ‘ни срам, ни перде’, а токму така денес изгледа ВМРО-ДПМНЕ кога по трагичните убиства не само на Ајнет во Битола и Билјана Кириќ во Богданци, туку на Рамајана, Танкица, Ивана и нејзината ќерка, и многу други, излегува со соопштенија и зборува за превенција и заштита на жените“, велат од ЛДП.
Со кој морал, со кој образ и со кое чувство на политичка надмоќ раководството на ВМРО-ДПМНЕ се претставува како партнер на младите и жените во спречувањето на насилството, кога во Собранието двапати – не еднаш, туку двапати – го одби предлог-законот на Либерално-демократската партија за воведување електронски нараквици за следење на насилниците, прашуваат од ЛДП.
„До кога ќе ги слушаме жените како молат да не бидат убиени а добрите предлог-закони ќе бидат во фиока? Доста со тоа „решете си го проблемот дома“, токму зад тие четири ѕида жени секојдневно живеат во страв, трпат насилство, молат за помош, а некои никогаш не излегуваат живи! Ова е насилството што го нормализиравме во Македонија“, вели претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.
„Ова не е прашање на политички препукувања, туку трагична реалност во која можеа да бидат превенирани смртни случаи, тешки последици, скршени семејства и трауми. Наместо да пишуваат празни соопштенија и да се кријат зад половични решенија кои со месеци ги држат заглавени во собраниските фиоки уште од летото, власта имаше конкретен, сеопфатен предлог доставен од ЛДП – закон кој прецизно уредува не само воведување на електронската нараквица, туку и начинот на нејзина употреба, случаите во кои е задолжителна и итните мерки за заштита на жртвите.
Да имаше ЛДП самостојно мнозинство во Собранието, овој систем одамна ќе беше функционален и ќе спасеше човечки животи, но во вакви услови неопходна е парламентарна поддршка. Затоа порачуваме: имате мнозинство во Собранието, веднаш прифатете го и изгласајте го предлогот на ЛДП!
Престанете да испраќате лицемерни соопштенија додека институциите и јавноста секојдневно се соочуваат со сѐ повеќе пријави за насилство кое завршува трагично. Секое ваше ново оправдување без конкретни дела само го зголемува гневот кај граѓаните“, се наведува во соопштението на ЛДП.