– Лани околу 6.000 граѓани добиле бесплатна примарна правна помош, додека пак секундарна правна помош била одобрена во 231 предмети. Според официјалните статистики, најголем број од случаевите на бесплатна правна помош се однесувале на предмети поврзани со сопственички права, развод на брак, домашно насилство и заштита на деца.
Ова беше соопштено на денешниот настан во Струмица за подигање на свеста, со цел да се информираат граѓаните за бесплатната правна помош како и да се осигури подобра искористеност и пристап до овие услуги.
-Оваа активност е дел од серијата активности за подигање на свеста, поддржани од Европската Унија и Советот на Европа во соработка со Министерството за правда, коишто се одржуваат во различни региони во државата со цел е да се промовира користењето на бесплатната правна помош, со посебен осврт на ранливите категории. Овие активности се одвиваат во различни локални заедници за да им дадат детални информации на граѓаните за тоа каде и како можат да добијат бесплатна правна помош и кои институции и организации ја даваат, рекоа организаторите на настанот.
За време на настанот учесниците имаа можност да им постават прашања на експерти од областа и да добијат одговори, како и да добијат лесно разбирливи информативни материјали за конкретните теми за коишто може да се побара и добие бесплатна правна помош, вклучувајќи семејно насилство, имотни прашања, дискриминација и социјална заштита.
Оваа иницијатива е организирана во рамките на проектот „ За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ во тесна соработка со Министерството за правда во Северна Македонија и членовите на Националното координативно тело за бесплатна правна помош: подрачните одделенија на Министерството за правда, овластените здруженија на граѓани и правните клиники овластени за давање на БПП. Овој проект е дел од заедничката програма на Европска Унија и Совет на Европа „Хоризонтален Инструмент III за Западен Балкан и Турција“, иницијатива за соработка која им помага на корисниците од Западен Балкан да се усогласат со европските стандарди.
Слични активности ќе бидат организирани и во 15 други општини во државата до 30 септември.