Влошувањето на односите со соседите ја става под знак прашање европската перспектива и оди на директно на штета на националните интереси на нашата држава, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, неодамнешниот инцидент за време на посетата на Силјановска во Бугарија е пред се грешка на протоколот на претседателката.
„Ова незнаење на нашата дипломатија, кое очигледно Бугарија успешно го искористи, не смее да биде понатаму злоупотребувано од Владите во Скопје и Софија за ескалација на односите. Уште поопасно е доколку оваа ескалација на односите се прави тенденциозно за да се намали штетата која предизвика скандалот врз рејтингот на владеачката партија. Ако ова е целта, тогаш тоа е погрешно и ја води земјата кон уште поголеми проблеми. Бугарија исто така мора да сфати дека нејзината политика кон нас е од клучно значење за зачувување на дијалогот и дека пораките со кои се заоструваат односите не се во интерес на ниедна од страните“, рече Кузеска.
СДСМ апелира да се задржат конструктивните тонови и соработка, а преку дијалог и одговорна политика да се градат и продлабочуваат односите.
„Многу е лесно нешто да се скрши а далеку потешко да се залепи. Со жалење констатираме дека она што до сега го гледаме во надворешната политика на Владата е само во функција на одалечување на земјата од европскиот пат и враќње назад во време на конфликти. Оваа политика нема да донесе ништо добро. Затоа, повикуваме на разум, одговорност и посветеност кон реформите кои ги започнавме, бидејќи тие се единствениот пат за подобра иднина на нашите граѓани и нашата држава“, рече Кузеска.