– Владата вчера усвои измени на пет закони поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д и ги достави до Собранието со европско знаменце. Целта, како што образложи, е да се овозможи усвојување на законските измени што се блокирани во Собранието, како и да се забрзат процедурите и да се намалат роковите заради ефикасност и економичност во изградбата.
Реакции за ставањето европско знаменце на законите упатија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдат дека со тоа власта сака без дебата да ги донесе законите, а Делегацијата на Европската унија во државава се изјасни дека тоа не е согласно европските стандарди и најави дека ќе бара дополнително објаснување. Критики упатија и синдикатите, кои во измените со кои се дефинира прекувремената работа при ангажман во проектот гледаат воведување 72-часовна работна недела и експлоатација на работниците.
-Увидувајќи ја очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата, имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брза, поевтина и квалитетна изградба на автопатиштата, Владата на денешната седница усвои седум предлог закони кој што ќе ги достави до пратениците во Собранието. Со оглед на фактот што ЕУ го додаде на мапата на европските коридори, коридорот 8 и неговото геостратешко значење и заради дебатата која подолго време се води и во Собрание, во Влада и во јавноста, одлучивме законите да се предложат со европско знаме, рече вицепремиерот и координатор на проектот Артан Груби на прес-конференцијата во Владата на која беа презентирани законските измени.
Тој апелираше до пратениците да се откажат од блокади и како што рече, да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратешки проекти само заради дневна политичка агенда.
Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Владата сака по брза постапка, без дебата во Собранието, повторно да донесе низа закони, кои се во спротивност со голем број правни начела и уставни одредби.
-Не може да биде европска вредност 60-часовна работна недела, која е спротивна на Устав, за која Уставен суд веќе има донесено одлука и истата е повторно спротивна на европските начела. Не може да биде европска вредност експресно доделување на дозвола за експлоатација на минерални суровини без строго предвидена постапка која опфаќа заштита на животната средина, археолошките локалитети, природни богатства и така натаму, изјави пратеничката Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ.
По најавата дека законите ќе бидат доставени до Собранието со европско знаменце во изјава за МИА од Делегацијата на ЕУ во земјава, наведоа дека означувањето на закони со знаменце на ЕУ е насочено да помогне за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и затоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ.
– Во конкретниот случај, се чини дека нацрт-законот не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања, велат од Делегацијата на ЕК и потсетуваат дека употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано да се унапреди реформската агенда на ЕУ.
Со измените на Законот за работни односи, кои се дел од пакетот законски измени, се дефинира дека заради континуитет во работата на овој проект прекувремена работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно.
-Работата над 40 часа неделно ќе се смета и плаќа како прекувремена работа со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор. Тоа значи дека работникот ќе има право на одмор од најмалку 12 часа во непрекинато меѓу два последователни денови во текот на 24 часа. Исто така, работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато плус 12 часа дневен одмор. Дополнително, поради природата на работите и задачите што се вршат во работите од национален интерес се јави потреба да можат да се спроведува и во недела. Предложениот закон предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на плата на работници на проекти од национален и стратешки интерес, појасни заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин на прес-конференцијата во Владата.
Тој тврди дека прекувремената работа не значи 60 часа неделно, појаснувајќи дека таа ќе зависи од временските услови на терен и од активностите на процесите на трасите и оти секој прекувремен час ќе биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор и со изјава за согласност од работникот.
-Изградбата на коридорите 8 и 10д во никаков случај нема да претставува експлоатација на работниците и нарушување на нивните права загарантирани со закон, порача Хусејин.
Наспроти неговите тврдења синдикатите во заедничко соопштение обвинија дека Владата воведува работно време како пред 137 години со кое овозможува работниците нечовечки да бидат експлоатирани во траење од 72 часа во текот на една недела.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), како и Унијата на независни синдикални и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ) ја осудија одлуката на Владата да се носат со европско знаменце предлог измените на законите за коридорите 8 и 10д , оценувајќи го вчерашниот ден како најцрниот ден за работниците во државава и најавувајќи дека жестоко ќе го бранат правото на 40 часовна работна недела.
-ССМ, КСС, КСОМ и УНАСМ како најголеми синдикални централи во Македонија, кои заеднички здружуваат повеќе од 150.000 работници во Македонија, најостро ги осудуваат одлуките на Владата, по итна постапка и со европско знаменце да воведат неевропски вредности во Македонија, без расправа и согласност на социјалните партнери. Со оваа одлука Владата не води грижа за животот и здравјето на работниците туку единствено ги гледа своите интереси и интересите на нејзините стратешки партнери, жртвувајќи ги работниците и нивните семејства, оценија синдикатите.
На почетокот на минатиот месец на предлог на група пратеници во Собранието беа предложени пакет законски измени за проектот за коридорите меѓу кои и на Законот за работни односи со кои се предвидуваше продолжување на работните часови за работниците што ќе бидат ангажирани во изградбата на коридорите. Расправата во матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика за предложените измени тогаш беше блокирана од политичката партија Левица која поднесе 1.111 амандмани, по што ресорната министерка Јованка Тренчевска најави дека МТСП се вклучува во подготовката на законските измени и оти ќе се дефинира горната граница.
Според одлуката на Владата, со европско знаменце пред пратениците ќе се разгледуваат и измените на специјалниот закон за проектот и на законите за градење, за урбанистичко планирање и за експропријација. За нив, по првичното доставување во Собранието не беа закажани комисиски расправи бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови се претседателите во нив, побара првин увид во Договорот да имаат нивните пратеници со безбедносен сертификат.
Во меѓувреме, од Јавното обвинителство информираа дека од Јавното претпријатие за државни патишта им го доставиле Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ којшто ќе го гради автопатите. Договорот беше побаран во рамки на предметот што го отворија по допрен глас поради објавите со сомнежи околу постапката за изборот на надзорот.
Како што соопшти вчера Јавното обвинителство, ЈП „Државни патишта“ постапувајќи по барањето на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, завчера го доставила договорот за изведба и надзор над изградбата на коридорите 8 и 10-д.
Претходно, ЈП „Државни патишта“ до Обвинителството ги доставило броевите на огласите од јавните набавки поврзани со коридорите 8 и 10-д, за кои јавниот обвинител обезбедил пристап до електронската база на податоци на Бирото за јавни набавки.
-Договорот, како и содржината на севкупната електронска документација од Електронскиот систем за јавни набавки поврзана со сите постапки за јавните набавки каде како предмет на договор се јавуваат коридорите 8 и 10-д, во наредниот период ќе бидат анализирани во насока на утврдување на елементи на евентуално сторено кривично дело. Со оглед дека станува збор за обемна документација на јавниот обвинител и тимот на истражители ќе им биде потребно време за анализа и проверка на сите индиции и наводи што месеци наназад се во интерес на јавноста, информираа од ЈО.
За секое постапување што нема да ја попречи постапката и ќе може да се сподели со јавноста, од Обвинителството најавуваат дека јавноста навреме ќе биде информирана.
Покрај Обвинителството, предмет во однос на постапката за избор на надзорот отвори и Антикорупциската комисија.
Договорот со „Бехтел и Енка“, по двегодишни подготовки беше потпишан на 8 март годинава, а почна да се применува на 22 април. На ЈПДП веќе му се префрлени 117 милиони евра од Програмата за финансирање на проектот за годинава. Тие пари се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот „Бехтел и Енка“ на работите пред да се започне со градежни активности на трасите: делница 1 (Тетово – Гостивар), делница 2 (Гостивар – Букојчани), делница 3, (Требениште – Струга – Ќафасан) и делница 4 (Прилеп – Битола).
Владата веќе одржа промотивен настан за работите на делниците на Коридор 8, а за 12-ти месецов најави свеченост и за Коридорот 10д.